Весела Чернева, заменик директор на влијателниот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи, во однос на ветото на Бугарија кон Македонија порачува дека со текот на времето, односите меѓу Софија и Скопје мора да се зајакнат, како и односите на двете толку блиски соседни земји.

Напредокот на Бугарија, според неа, е во проширување на стабилноста на Балканот.

Бугарија мора да биде дел од голема зона на стабилност. Ова може да се направи само со механизми за европска интеграција – наведува Чернева во интервју за бугарското електронско издание Медиапул, јави дописникот на МИА од Софија.

Санкциите на Вашингтон според глобалниот закон „Магнитски“, како што вели, се директно предупредување од американскиот претседател Џо Бајден до алчните и несовесни лидери на Балканот дека корупцијата е клучно прашање што треба да се реши.

Чернева потенцира дека Европскиот парламент веќе ја сфаќа Бугарија како една од најпроблематичните членки на ЕУ, заедно со Полска и Унгарија.

Според неа, од Европската комисија може да се очекуваат финансиски санкции. Имаше, наведува, градација во американската надворешна политика кон регионот. Се започна со говорот на Џо Бајден на Конференцијата за безбедност во Минхен, кога тој рече дека корупцијата е закана бидејќи нејзините мрежи помогнаа за руското и меѓународното влијание во земјите на НАТО. Потоа следеше писмото од двајцата американски сенатори од демократските и републиканските партии. Тој го симболизираше американскиот консензус и испрати силен сигнал до Бугарија дека има голем проблем со корупцијата. Од гледна точка на надворешната политика, ова е јасен сигнал од Вашингтон дека корупцијата е многу сериозен безбедносен проблем, а земјите што сакаат да бидат во тесно партнерство со САД не можат да си дозволат да бидат со такви расипнички институции. Факт е дека обвинителството не постапило во сите овие сериозни случаи, вклучително и со вработените во Државната агенција за Бугари во странство на кои им се издадени лажни потврди за бугарско потекло – вели Чернева.

Според неа, објавата на американскиот претседател Џо Бајден во врска со земјите од Западен Балкан е многу поопшт, не содржи специфични имиња и компании – но предупредува таа, веројатно ќе ја замагли алчноста и невниманието на некои балкански лидери. Пред неколку недели, потсетува Чернева, бевме сведоци на воведување санкции против поранешниот албански премиер Сали Бериша.

Чернева воедно оценува дека „во регионот на Балканот има многу водачи со сомнителна репутација, а на многу места корупцијата е сврзно ткиво на владата“.

Бугарија е членка на НАТО и ЕУ, така што тука САД можат да дејствуваат врз основа на партнерство. Во Бугарија, и покрај сè, институциите можат да издржат на овој вид надворешен шок. Во многу други балкански земји, ова не е сигурно. На пример, во сложени мултиетнички земји како Босна и Херцеговина или во земји каде што има многу силен антиамериканизам, како што е Србија. Балканот во моментов се карактеризира со три работи. Една од нив е недостаток на реформи. Второто е штетното мешање на надворешни фактори како Русија и Кина. Третото е огромниот одлив на луѓе – на Балканот, бидејќи има огромен демографски проблем во регионот. Сите три трендови се поврзани со корупцијата. Корупцијата е причина луѓето на Балканот не живеат добро и ги напуштаат своите земји. Значи, ова прашање ќе повеќе ќе треба да биде ставено во вниманието на европските влади, не само на американските – вели Чернева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.