Роамингот во регионот на Западен Балкан ќе биде целосно укинат на 1 јули 2021 година, беше потврдено денеска на отворањето на третиот Дигитален самит на Западен Балкан (ЗБ), чиј домаќин годинава е Тирана.

Забрзаната дигитализација треба да придонесе за интеграција на пазарот на земјите од Западен Балкан и дека идејата за единствен пазар заснован на слободно движење на луѓе, стоки и капитал ќе биде потврдена на Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Блакан во Софија, што ќе се одржи на 10 ноември како дел од Берлинскиот процес.

Целта е да се создадат нови можности за раст на компаниите и создавање работни места. Регионот на Западен Балкан се соочува со нови предизвици поради пандемијата на Ковид-19 и затоа дигиталната агенда е една од главните за развој во новите услови. Пандемијата драматично го смени светот што го познаваме и ја забрза дигиталната трансформација на општеството и затоа треба во фокусот да бидат паметните политики за дигиталната револуција, посочи генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.

Годинешниот самит, чиј домаќин е албанската Влада, се одржува онлајн, а во негови рамки е планиран завршниот министерски состанок на 2 ноември во Тирана.

По Скопје, кој беше домаќин на првиот дигитален самит на Западен Балкан во 2018 година и во Белград минатата година кога шест економии во регионот го потпишаа Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, самитот во Тирана ќе ги потенцира достигнувањата на дигиталната агенда за Западен Балкан.

Од денес до 28 овој месец преку интернет можат да се следат бројни сесии за мрежно поврзување и поврзување на услуги, дигитални вештини, дигитална економија додека завршниот состанок на самитот ќе се одржи на 2 ноември со министерски панел за дигиталната агенда за Западен Балкан.

Се очекува да биде усвоен Меморандум за разбирање за регионалната интероператибилност и услугите за доверба во регионот на Западен Балкан, како и Меморандум за разбирање за планот за дигитална трансформација на 5Г за Западен Балкан.

Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од повеќегодишниот акционен план за регионалната економска област, поддржан од лидерите од регионот во Трст во 2017 година.

Советот за регионална соработка, заедно со ЕУ, владите во регионот, ЦЕФТА и партнерите, е во напредна фаза на подготовка на Акционен план за заедничкиот регионален пазар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.