Во посебна позиција, бугарските членови на Клубот за бугарско-македонско пријателство го изразуваат својот став за документот на бугарското Министерство за надворешни работи, во кој експлицитно се нагласува дека Бугарија продолжува да не го признава македонскиот јазик, јавува дописникот на МИА од Софија.

Според нив, ваквата декларација непотребно го усложнува и го попречува процесот на зближување меѓу Република Бугарија и Република  Македонија и им служи на интересите на субјектите од двете страни на границата, кои конфликтот го претворија во поле за заработка на дивиденди.

Создавањето на современите официјални литературни јазици е сложен историски процес кој продолжил во Европа од 16 до 20 век. Во него е можно на историски иста дијалектна основа, но поради различни историски, културни и политички фактори, да се формираат повеќе од еден литературен јазик, е напишано во нивната позиција.

Македонскиот литературен јазик, формиран на дијалекти кои од историски и политички причини останале надвор од процесите на создавањето на бугарскиот литературен јазик, постои најмалку 70 години и има своја сложена судбина. Одамна не е „дијалект на бугарскиот“, бидејќи за разлика од кој било дијалект, тој во целост им служи на сите сфери на јавниот живот, официјално се користи во училиштата, болниците, административните канцеларии, војската и полицијата. во науката и уметноста. На него е создадена своја книжевна традиција, која има свои значајни достигнувања. Македонскиот јазик и македонската литература се изучуваат на голем број од најпрестижните универзитети во светот, од кои корист имаат не само граѓаните на  Македонија, туку и влијателната македонска дијаспора. Меѓународните договори се потпишани на македонски јазик, а другите 26 членки на ЕУ имплицитно признаваат дека по евентуалниот прием на  Македонија во ЕУ, овој јазик автоматски ќе стане еден од официјалните јазици на Унијата, се наведува и во документот.

Но, најважно, според бугарскиот дел од Клубот, е дека македонскиот јазик е мајчин јазик, веќе за генерации Македонци. За луѓето родени и израснати со него, тој е исто толку интимен, близок и свет како што е бугарскиот јазик за Бугарите.

Тоа не може да им се одземе без нивниот идентитет да биде неправедно и навредливо погоден, сметаат од бугарскиот дел од Клубот.

Специфичната културна и егзистенцијална вкоренетост, универзалната функционалност и долгото историско постоење на македонскиот јазик го оневозможуваат тврдењето дека таков јазик не постои, дека е вештачки направен и едноставно е резултат на некаква „секундарна кодификација“, со што не се кажува ништо, тврдат авторите на ставот, затоа што секој литературен јазик стои на широка дијалектна основа и е поврзан со процеси на кодификација и стандардизација и нема критериум да се определи која кодификација е „примарна“, а која „секундарна“.

Затоа, бугарскиот дел од Клубот за бугарско-македонско пријателство во Бугарија ја смета за непотребна и контрапродуктивна декларацијата на бугарското Министерство за надворешни работи, со која македонскиот јазик „не се признава“. Ниту една литературна и јазична норма со која се идентификуваат илјадници, ако не и милиони луѓе, нема потреба од посебна дозвола за нејзиното постоење. Според бугарските претставници во Клубот за бугарско-македонско пријателство, ваквите јавни гестови ја оддалечуваат позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи, но и на Бугарија, од вредностите на демократијата и меѓусебното почитување.

Неразбирливо за другите членки на ЕУ, декларацијата води само кон континуирана збунетост и кон изолација на Бугарија во ЕУ и на ниту еден начин не придонесува за интеграција на Западен Балкан. Доколку Република Македонија биде прифатена како полноправна членка на ЕУ, тоа мора да се направи без навредливи термини за Македонците и неразбирливи аранжмани за другите членки на Унијата, се наведува уште во ставот. Според бугарскиот дел од Клубот за бугарско-македонско пријателство, поважно е континуираното политичко обединување на ЕУ во ситуација на војна и енергетска криза; историските и јазичните спорови мора да се остават на страна, што не значи дека ќе бидат напуштени. Но, погрешно е тие да ја диктираат политичката агенда, заклучуваат во изнесениот став бугарските членови на Клубот за бугарско – македонско пријателство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.