Бугарската Влада е подготвена за одмазднички мерки доколку Холандија и Австрија наметнат вето за влез во Шенген, изјави техничкиот премиер Гулаб Донев по средбата со министрите за внатрешни, за надворешни работи и за правда Иван Демерџиев, Николај Милков и Крум Зарков.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Донев изјавил дека сите мерки ќе бидат насочени и во одбрана на националниот интерес на Бугарија, која никогаш не се залагала за позиции на поделеност и двојни стандарди во однос на која било земја од ЕУ и очекува ист став од другите земји-членки.

Според бугарскиот технички премиер, повеќе од очигледно е дека позициите на премиерот на Холандија и на канцеларот на Австрија се диктирани од внатрешно-политички размислувања, а не од фактички идентификувани недостатоци во спроведувањето на шенгенските правила од страна на Бугарија.

Донев кажа дека има сомнежи за примена на двојни стандарди, особено од страна на Холандија.

Според него, во својата позиција, канцеларот на Австрија ги истакнал недостатоците на Шенген системот во целина, кои во никој случај не се одговорност на бугарската страна, додека премиерот на Холандија прибегнал кон недостојни сугестии, кои во Бугарија малку е веројатно дека наскоро ќе бидат заборавени. Тој потсети и на улогата на тројцата бугарски гранични полицајци кои загинаа чувајќи ја надворешната граница на ЕУ во последните три месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.