Централната изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарни избори во Бугарија, одржани на 4 април, јави дописникот на МИА од Софија.

Според нив, партијата на премиерот на Бугарија Бојко Борисов ГЕРБ ќе има 75 пратеници во новиот парламент, „Има таков народ“ на шоуменот и ТВ-презентер Слави Трифонов – 51, БСП – 43, Движење за права и слободи – 30, „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов – 27, „Исправи се!“ на поранешниот Народен правобранител на Бугарија Маја Манолова – 14.

За ГЕРБ гласале 837.707 лица, или 31,25 отсто, за „Има таков народ“ гласале 565.014 лица или 21,25 проценти, за БСП гласале 480.146 лица или 17,92 отсто, за Движењето за права и слободи – 336.306 лица, или 12,50 проценти, за „Демократска Бугарија“ – 302.280 лица, или 11,25 отсто и за „Исправи се! – 150.940 лица, или 5,83 отсто од гласачите.

Излезноста во Бугарија беше 50,61 проценти, што е за 4 отсто помалку отколку на претходните парламентарни избори во 2017 година. Вкупниот број гласачи со хартиени гласачки ливчиња и машини е 3.334.233, од вкупно 6.789.605 бугарски државјани со право на глас.

Во недела се очекува да бидат објавени имињата на пратениците во 45-то Бугарско национално собрание, по што ќе се отвори патот за негово свикување од страна на претседателот на земјата Румен Радев. Според Уставот на Бугарија, претседателот Радев има право да врачи три мандати за формирање нова влада на првите две партии кои добиле најмногу гласови на парламентарните избори. Но доколку тие бидат вратени, претседателот мора да го предаде мандатот по своја дискреција на една од другите политички сили во Националното собрание. Ако третиот мандат е неуспешен, тогаш тој го распушта парламентот со два одделни декрети и свикува предвремени парламентарни избори и формира привремена влада за нивно одржување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.