Началникот на бугарскиот Генералштаб, адмирал Емил Ефтимов, се сретнал со командантот на Копнените сили на САД во Европа, генерал Кристофер Каволи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на средбата што се одржа пред воената вежба „Strike Back – 21“, присуствувале и амбасадорот на САД во Бугарија, Херо Мустафа, командантот на бугарските Копнени сили, генерал-мајор Михаил Попов, и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Стајко Прокопиев. На средбата биле разгледани фазите на вежбите „Дефандер Европа-21“ и „Стабилен бранител-21“, постигнатото ниво на интероперабилност, аспектите на воената мобилност и интеграцијата на силите.

Адмиралот Емил Ефтимов ја истакнал важноста на сеопфатното и навремено планирање на активностите за одвраќање и одбрана на југоисточното крило на НАТО, со цел да се развие соодветен потенцијал за неутрализирање на постојните и потенцијалните безбедносни закани.

Генералот Каволи го пофалил заедничкото планирање и спроведување на низа поврзани вежби на територијата на Република Бугарија, како и поддршката што ја дава земјата домаќин.

Во текот на разговорите биле разгледани воените аспекти на патоказот за одбранбената соработка меѓу САД и Бугарија, како и развојот на можностите на копнените сили.

Како дел од Националната тактичка вежба со борбено стрелање со меѓународно учество „Strike Back – 21“, денеска бугарскиот претседател, Румен Радев, и министерот за одбрана Георги Панајотов ќе присуствуваат на демонстрација на воени можности на полигонот Корен кај Хасково.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.