Бугарија ја убедува ЕУ дека однесувањето на „една земја кандидат“ не е нејзин билатерален, туку проблем на ЕУ, бидејќи е спротивно на принципите врз кои е изградена и функционира Унијата.

Бугарија се обидува проблемот со една земја-кандидат да го ослободи од префиксот „билатерален“ и да го претстави како проблем за темелните принципи и основи на Европската унија-изјави амбасадорот на Бугарија во ЕУ Димитар Цанчев.

Ова е опасна теза за Македонија ако се знае дека освен Бугарија друга земја членка нема ништо против Македонија да почне преговори за членство. Но, од друга страна, ни се допаѓало тоа или не, во ЕУ постои принципот на добрососедство односно секоја земја членка може да си го толкува како сака и да го блокира приемот или почетокот на преговорите со соседот доколку има отворени прашања.

„Таа поддршка се рефлектираше и во нашето одговорно однесување како стабилизирачки фактор во регионот за време на војните што го следеа распаѓањето на поранешна Југославија. За жал, ние сме исправени пред проблем. Тој не е билатерален, како што некои од вас очигледно сметаат. Тој се однесува на принципите врз кои е изградена и функционира нашата Унија додал амбасадорот Цанчев.

 

Според него, за прв пат во историјата на проширувањето, ЕУ била исправена пред ситуација, кога земја-кандидат настојувала сама да ги определува условите под кои треба да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ.

„За прв пат имаме земја-кандидат која изјавува дека сака да стане членка на ЕУ, но без да се откаже од нејзината државотворна идеологија од времето на комунизмот. За прв пат имаме земја-кандидат која изјавува дека не смета оти е должна да ги исполнува договорите кои ги потпишала со држава-членка на ЕУ“, изјавил бугарскиот амбасадор.

Засега премиерот Заев по средбите со челниците на ЕУ останува на ставот дека нема да се согласи со промена на македонскиот идентитет и по цена на почеток на преговорите за членство

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.