Министерството за здравство на Бугарија испрати остар допис до еден од производителите на вакцини – АстраЗенека, објави бугарската приватна телевизија НОВА, која го има документот, јави дописникот на МИА од Софија.

Во документот се наведува дека во моментот постои сериозно доцнење во снабдувањето со вакцини од компанијата. Како пример – на 1 март, Бугарија веројатно ќе добие само 52.000 дози од лекот, иако според планот тие треба да бидат над 142.000. Затоа, министерот за здравство на Бугарија Костадин Ангелов инсистира АстраЗенека итно да испрати 52.000 дози од лекот во Бугарија веќе утре, додавајќи дека земјата е подготвена да обезбеди воздушен транспорт за оваа цел.

Во писмото се наведува и дека масовната вакцинација во Бугарија се движи со многу високо темпо. А со недостигот на вакцини, АстраЗенека „им ја одзема надежта на луѓето“.

Бугарија денеска постави рекорд по бројот на вакцинирани луѓе за еден ден. Од 7.30 до 17.30 часот по локално време се вакцинирани 18.900 бугарски државјани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.