„Газпром“ се очекува да и одговори на Бугарија дали ќе се вратат на преговарачката маса, а според бугарскиот министер за енергетика, Румен Христов, тоа треба да се случи најдоцна денеска.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на крајот на минатата недела техничката влада и официјално стапила во контакт со руската компанија за обнова на испораките на гас во рамките на постојниот договор, што истекува на 31 декември.

Целта на евентуалните преговори е „Газпром“ да го врати снабдувањето со природен гас за Бугарија во рамките на овој договор.

Бугарското министерство ќе инсистира на промена на начинот на плаќање, како и продолжување на испораките до крајот на грејната сезона.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска ќе разговара со претставниците на двете грчки компании „Гастраде“ и „Копелузос груп“ на кои ќе се разговара за можностите за зголемување на испораките на гас што Бугарија ќе ги увезува преку терминалот за течен гас во градот Александрополис. На средбата ќе присуствуваат техничкиот премиер Галаб Донев, министерот за енергетика Румен Христов, како и шефовите на двете бугарски компании за трговија со гас „Булгаргаз“ и „Булгартрансгаз“.

Бугарија, на овој начин, сака да ги интензивира разговорите за зголемување на испораките од терминалот Александропулис.

Граѓанското здружение „Боец“ за вечерва организира протест пред зградата на претседателската администрација во Софија против евентуалното продолжување на преговорите меѓу Бугарија и руската компанија „Газпром“. Тие ќе бараат оставка од техничкиот министер за енергетика Румен Христов. Здружението „Боец“ бара Бугарија не само да не ги продолжи преговорите со „Газпром“ според стариот договор, туку и да не потпишува нови долгорочни договори со Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.