Претседателот на собраниската Комисија за истражување на последиците од НАТО бомбардирањето на Србија Дарко Лакетиќ изјави дека првите прелиминарни резултати од научно-медицинска студија покажуваат пораст на зачестеноста на болести, особено малигни болести на крвта кај деца од пет до девет години.

Лакетиќ рече дека студијата за зачестеност на малигни заболувања кај децата од една до 18 години, која е направена врз основа на истражување во соработка со Институтот „Милан Јовановиќ Батут“, не е завршена и оти овие први резултати во декември биле доставени до сите пратеници за да се информираат.

Тој во интервју за „Политика“ наведе дека може да се констатира оти некој отров дејствувал на тие деца, а со оглед на тоа што во бомбардирањето во 1999 година во животната средина е ослободена голема количина отров, лесно е да се претпостави што е тоа.

Студијата, пред сè, се занимава со истражување на зачестени малигни тумори, таканаречени ектодермални тумори кај деца од една до пет години, потоа на зачестеноста на малигните болести на крвта кај деца од пет до девет години и зачестеноста на тумори на мозок кај деца од девет до 18 години, прецизира Лакетиќ.

Тој објасни дека студијата се базирала на оваа возраст затоа што децата од една до 18 години се најчувствителна група.

Тоа е оној дел од популацијата кој е роден, живеел и растел во периодот на одредени инцидети и дејствија со муниција со осиромашен ураниум и ослободување различни токсини, кои се случиле во 1999 година за време на НАТО бомбардирањето, укажа Лакетиќ.

Според него, собрана е комплетна документација од научно-медицински и правни истражувања на комисијата на италијанскиот Парламент која ја утрдувала поврзаноста на осиромашениот ураниум со смртта на италијански војници кои биле во меѓународни мисии, вклучувајќи го и Косово, и докажа дека постои поврзаност.

Осиромашениот ураниум е само врвот на ледениот брег. За време на бомбардирањето ослободени се пиралени од трафостаници, кои можеби се најсилниот канцероген, бенземи, разни отрови поради бомбардирањето фабрики за бои и лакови, рафинерии…, наведе Лакетиќ.

Тој напомена дека е многу значајно што некои земји, меѓу другите и Холандија и Норвешка, во Обединетите Нации почнаа расправа за влијанието на осиромашениот ураниум врз здравјето на населението.

 Целта ни е да дојдеме до вистината зошто нашите граѓани се разболуваат повеќе од граѓаните на некои други земји и дали постои врска меѓу НАТО бомбардирањето и тоа. Тоа е наша задача, без никакви прејудицирања, истакна Лакетиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.