Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека Владата на Србија ги потврдува заклучоците на Советот за национална безбедност во врска со ситуацијата во Украина и дека државата ќе постапува согласно тие заклучоци.

Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека и се најважни четирите одлуки, од кои првата е почитување на територијалниот интегритет на Украина во согласност со меѓународното право, исто како што Србија сака да се почитува нејзиниот територијален интегритет.

Второ, дека нема да воведуваме санкции кон Русија во согласност со нашите интереси, трето, дека ќе ја задржиме воената неутралност и ќе ја почитуваме одлуката армијата и полицијата да ги прекинат сите воени вежби со други земји, и четврто, да се зачува мирот – изјави Брнабиќ.

Таа додаде дека очекува притисоците да продолжат и дека Србија се соочува со тешки времиња, но смета дека е најважно Србија да ја зачува стабилноста.

Таа ја пофали „мудроста на претседателот Александар Вучиќ“ кој, како што истакна, „не истрчал да се изјасни“, туку внимателно го одмерувал секој збор од заклучоците.

Брнабиќ додаде дека таа и Вучиќ разговараат со партнери од Европската Унија, дека Србија и покрај тоа што е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија, останува на својот принципиелен став и на Србија нема зошто да и се забележува.

Таа додаде дека сите му се смееле на Вучиќ кога зборувал за грашок, грав, сол и конзервирана риба, но дека работата на владата е да обезбеди се што е потребно за граѓаните и дека Србија има доволно резерви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.