Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека суштината на последните потези на Приштина не е во регистарските таблички, туку во постојаното малтретирање и терор на Србите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

Србија не се однесува лицемерно и е единствената земја која се придржува до меѓународното право, изјави Брнабиќ за телевизија Прва и посочи дека изјавата на портпаролот на Европската комисија Питер Стано го потврдува сето она што го кажал Александар Вучиќ пред два дена.

Бев изненадена кога ја слушав прес-конференцијата на претседателот Вучиќ пред два дена, тој никогаш не беше поостар, но и никогаш поискрен. Сè што рече – сè стои, сè е апсолутна вистина. Не постои сериозен човек кој може да оспори ниту еден збор или теза од неговото обраѓање, рече Брнабиќ.

Таа посочи дека меѓународната заедница се однесува лицемерно кога зборува за неповредливост на територијалниот интегритет на меѓународно признатите држави, алудирајќи на Украина, а никој не спомнува дека згрешиле во случајот со Србија.

Србија не се однесува лицемерно кон никого и ние сме единствените кои целосно го почитуваме меѓународното право и принципот на територијален интегритет на меѓународно признати држави неповредливи и во случајот на Украина и на Србија, рече Брнабиќ.

Работиме да обезбедиме се што ни е потребно за зимата, изјави Брнабиќ и потсети на договорите за складиштата на гас во Унгарија, додека сега фокусот е на увоз на јаглен.

Брнабиќ посочи дека ќе има „мала” корекција на цената на струјата поради трошоците за обновливите извори на енергија, но на тој начин што нема да има влијание врз животниот стандард на граѓаните.

Таа потврди дека пензиите ќе се зголемат за 19,2 отсто, и дека зголемувањето на платите во јавниот сектор ќе биде двоцифрено, како и зголемувањето на минималната плата.

Посетата на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ беше добра, позитивна, покренавме некои важни прашања и Србија направи се што е во нејзина моќ да воспостави директен платежен промет меѓу двете земји, изјави таа.

Брнабиќ кажа и дека Абазовиќ имал добра средба и со патријархот на СПЦ Порфириј, дека нацртот на Темелниот договор е добро прифатен, што би било историска работа.

Таа потсети дека имало многу отворени прашања во односите меѓу двете земји, но дека сега верува дека постои искрена намера тие да станат многу добри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.