Румен Радев е сценарист на сè, затоа тој знае и повеќе од мене, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој денеска пристигна во Пловдив.

Борисов посочи дека шефот на државата е сценарист на антивладините протести, кои се одржуваат осми ден по ред во Софија, како и во повеќето градови во земјата.

Опишувајќи се себеси за најискусен политичар, најмногу избиран од народот, Борисов ја коментираше одговорноста на Владата и коалициските партнери да не се „дели“ земјата во моментов, затоа што до крајот на годинава светот ќе го зафати тешка криза.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев вчера им се обрати на демонстрантите, истакнувајќи дека интригите на државниот обвинител и на Владата и одбивањето да се слушне гласот на граѓаните само ја продолжува кризата, довербата е изгубена.

Една недела илјадници Бугари се на плоштадите барајќи оставка од Владата и од државниот обвинител, барајќи слобода, закон и правда. Жителите на Софија, Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Стара Загора, Велико Трново и многу други градови се доказ дека протестот е на национално ниво и ги обединува сите возрасти и социјални категории, нагласи Радев.

Тој додаде дека протестите се национален консензус против мафијата, корупцијата, поврзаноста на државата и медиумите и против поткопување на демократските институции и закони.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.