Пратениците Мартин Димитров и Велизар Шаламанов, од партијата „Демократска Бугарија“ во новоизбраниот бугарски Парламент, му поставија прашање на премиерот во оставка, Бојко Борисов, поврзано со експлозиите во складишта за муниција во Чешка, наводно предизвикани од агенти на Руско воено разузнавање ГРУ.

Се поставува прашањето дали бугарските специјални служби имаат какви било податоци за вмешаноста на разузнавачките служби од други земји во експлозиите во воените погони на територијата на Бугарија во последните 10 години.

Пратениците го прашуаа Борисов и дали е поднесено некакво обвинение.

Според бугарските пратеници, темата е исклучително актуелна во бугарската јавност, бидејќи неофицијално, се тврди дека руските специјалци имаат врска и со експлозиите во бугарските воени фабрики. Тие посочуваат дека во последните неколку години се регистрирани 19 експлозии во воени погони во Бугарија, како што беше таа од 2014 година во Чешка.

Дописникот на МИА од Софија потсетува дека Велизар Шаламанов во 2004 година беше министер за одбрана на Бугарија, а од 1998 до 2001 година бил заменик министер за одбрана и член на Советот за безбедност на бугарската Влада за време на премиерот Иван Костов. Шаламанов е претседател на надзорниот одбор на Агенцијата за информации и комуникација на НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.