Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен, ги осуди плановите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и кипарските Турци за отворање на летното одморалиште Вароша на Кипар.

САД сметаат дека акциите на кипарските Турци во Вароша, со поддршка на Турција, се провокативни, неприфатливи и неспоиви со определбата за конструктивно учество во мировните преговори – се вели во изјавата на американскиот државен секретар.

Турскиот претседател вчера изјави дека „животот ќе продолжи“ во Вароша и ги повика кипарските Грци да бараат надомест за загубата на нивниот имот.

Одморалиштето е оградено со бодликава жица и недостапно уште од турската воена инвазија на Кипар во 1974 година.

За време на дводневната посета на северниот дел на Кипар, Ердоган рече дека постигнување трајно и одржливо решение може да биде единствено можно ако се има предвид дека на островот има две одделни држави и два одделни народи.

Меѓународната заедница порано или подоцна ќе ја прифати оваа реалност – изјави Ердоган пред прославата на 47-годишнината од инвазијата на Турција, што доведе до поделба на островот.

Со испраќање на мировници на ОН во 1964 година, Кипар беше поделен поради меѓуетничките конфликти. По државниот удар на приврзаниците на обединувањето на Кипар со Грција, Турција го окупираше северот населен со турско малцинство во 1974 година и ја прогласи „Турска Република Северен Кипар“.

Во 1983 година, Советот за безбедност на ОН донесе резолуција со која се прогласи за незаконско отцепувањето на кипарските Турци.

Европската Унија, чиј член е Кипар, исто така ја исклучува можноста за создавање две независни држави на островот.

Претседателот на Кипар, Никос Анастасијадес ја опиша изјавата на Ердоган како „очекувано повторување на неприфатливите позиции на Турција“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.