Лидерите на партиите победнички на вонредните парламентарни избори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), објавија денеска дека двете партии потпишаа договор за формирање заедничка влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Двајцата лидери ја објавија веста на вонредна прес-конференција во Собранието на Косово, од каде што порачаа дека постигнатиот договор е за доброто на Косово и е резултат на волјата на косовските граѓани изразена на изборите од 6 октомври минатата година.

Курти, кој ќе ја води новата влада, изјави дека со Мустафа ќе се сретнат и утре, пред гласањето за новиот состав на владата.

Тој информира дека е договорено неговиот кабинет да има 15 министри и 33 заменици министри, што е големо намалување во однос на претходната влада која имаше 23 министри и околу 80 заменици министри.

Mинистер за европски интеграции во новата влада ќе биде ланскиот независен кандидат на претседателските избори во Македонија, професорот Блерим Река.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.