Гадни и детални информации изнесе синоќа српскиот претседател Александар Вучиќ за активностите на бандата на Веља Невоља. Споделувајќи детали од истрагата во интервјуто на ТВ Прва, тој објави дел од ѕверствата на озлогласената група на Вељко Беливук, а беа прикажани и снимки и фотографии од „бункерот“ во викенд-куќата во белградската населба Ритопек во која се одвивале.

Приказната со Беливук заврши. Обвинителот е многу задоволен. Според она што го знам, пронајдени се многу докази, траги на ДНК. Тие мачеле, колеле и мелеле луѓе. Најчесто навивачи на Партизан, но имало и еден навивач на Звезда, а на друго место уште еден навивач на Звезда. Но, тоа немаше врска со навивање, туку со дрога и политика, рече тој.

Српскиот претседател додал дека полицијата открила и други места користени од групата.

Тие имаа и други станови, со помош од некои амбасади во Белград, што за мене е неверојатно. Интересно е затоа што амбасадите имаат свои безбедносни служби. Тоа нема да остане непроверено, порача тој.

Повтори дека луѓето кои биле убавани, биле расечени на парчиња, со откинати глави, раце, нозе, а остатоците од телото се ставале во машина за мелење на месо.

Еден од месарите, му испраќал мелено месо од луѓе на Звицер, во форма на ќебапи, истакнал Вучиќ.

Тој му порачал на Звицер, наводниот водач на Кавачкиот клан, дека нема да биде на слобода додека тој е жив, макар бил претворен во мелено месо.

Вучиќ повтори дека требало да биде цел на снајперски напад за време на откривањето на споменикот на Стефан Немања во Белград. Зборувајќи за фактот дека мета биле неговиот брат и син му, тој истакнал дека тоа е сторено со цел „емоционално да го осакатат“.

Тие принудиле криминалци да му се доближат на Данило, да му наместат девојки, да го натераат да земе дрога и да ми го покажат тоа мене, за да ме уценуваат. Не сакав да плаќам рекет на криминалци, заклучил Вучиќ.

Да потсетиме, во куќата во Ритопек, во која беа убиени најмалку пет жртви на суровиот белградски клан, пронајдени се бројни траги на ДНК, повеќето од нив во тајна просторија.

Во оваа просторија е пронајден и огромен арсенал оружје што го користела „војската“ на Беливук. Судејќи според видот на оружјето и експлозивите што ги имале, истражните органи сметаат дека кланот планирал и ликвидација на лице кое има силно обезбедување или се вози со блиндиран автомобил.

Беливук и неговата банда се обвинети за повеќе убиства, изнуда, осакатување на жртвите- сечење на делови од телото, мелење на жртвите во машина за мелење месо, прскање со отровна киселина, рекет и трговија со дрога.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.