Сакаме да дадеме се од себе за да им помогнеме на Косово и Србија да најдат начин за помирување и нормализирање на нивните односи, затоа што без тоа нема да можат да напредуваат на својот пат кон ЕУ, нагласува високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жосеп Борел во интервју за МИА.

– Мојата улога е да го олеснам дијалогот и јас сум целосно вложен во него со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ Лајчак, кој се занимава со интензивна шатл-дипломатија меѓу Приштина, Белград и европските главни градови. Во нивни интерес и во корист на нивниот народ е да ја пронајдат потребната политичка храброст за да успее дијалогот. Ќе продолжиме да им помагаме колку што можеме, но на крајот на нив е да ги донесат одлуките. Непотребно е да се каже дека успешен исход од овој дијалог ќе има и многу позитивно влијание за целиот регион – вели Борел во врска со средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албан Курти викендов во Охрид.

Според Борел, проблемот меѓу Белград и Приштина не претставуваат замрзнат конфликт, туку станува збор за двајца партнери, кои споделуваат проблематично минато и се уште не се во можност целосно да го надминат негативното наследство од минатото.

-Верувам дека се подготвени да најдат решение на преговарачката маса. На крајот, тие сакаат да се приклучат кон Европската Унија, а добрососедските односи се еден од основните принципи на нашата Унија. Затоа им помагаме на Белград и Приштина со дијалогот поддржан од ЕУ да постигнат сеопфатен договор за нормализација на нивните односи – вели Борел, нагласувајќи дека дијалогот е една од клучните компоненти на ангажманот на ЕУ на Западниот Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.