Опозициската Демократска партија синоќа во Драч организираше собир на плоштадот пред општината во овој албански пристанишен град. Во обраќањето пред насобраните партиски приврзаници и граѓани, лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша изјави дека „Албанците нема да се откажат се додека во Албанија нема вистинска демократија“.

Дува ветрот на промени, ветрот на слободата што отсекогаш доаѓал од вашиот град. Од сите страни доаѓа надеж за вистинска голема промена за секое албанско семејство. Албанците се разбудија, тие се умни, се побунија и нема да потклекнат се додека во Албанија, не дојде вистинска демократија, слобода и можност за секој граѓанин, правда и еднаквост пред законот. Секогаш кога на еден режим му доаѓа крајот, го повторуваат истото грдо шоу. Вакво грдо шоу вчера во Драч го повтори човекот (Еди Рама) одговорен за најголемо осиромашување на Албанците, главниот крадец на гласовите на граѓаните на Драч и на Албанците, човекот кој им го украде лебот на децата на албанските граѓани, зголемувајќи ги трошоците за живот, рече Баша.

Тој порача дека заминување на „криминалната Влада на Рама“ е национална нужност.

До неодамна многумина ќе кажеа дека е невозможно да се собере толку многу народ да протестира. Ваков собир со толку многу народ во Драч не се случил до сега. На трпението му дојде крај и единствениот начин е ова што го започнавме заедно. Владата не ни треба за шеги, ни треба да се грижи за проблемите на граѓаните посочи Баша.

Ова е прв голем собир на албанската опозиција во друг град, по седумте масовни протести одржани пред Владата и парламентот во Тирана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.