Лидерот на најголемата албанска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша предлага додека Албанија не стане членка на ЕУ, пред секои избори, да се формира преодна влада, која ќe гарантира слободни и фер избори.

Баша предлогот го даде на средбата со директорот за Централна и Источна Европа на амерканскиот демократски институт НДИ, Роберт Бенџамин, додавајќи при тоа дека „решението на политичката криза во која е Албанија поминува низ слободни и фер избори“.

Пред да стане членка на Европската унија, Албанија мора, пред секои избори, да има преодна влада што гарантира слободни и фер избори. Ова ќе го оневозможи притисокот врз гласачите и администрацијата, злоупотреба на јавните фондови и државните средства и улогата на лицата со криминални досиеја и криминалните групи. Одвојувањето на политиката од криминалот е од суштинско значење за слободно гласање – изјави Баша.

Ја споделил загриженоста на опозицијата околу доцнењето во формирањетo и работењето на инстуциите кои ќе ги истражуваат криминалот и корупцијата на високо ниво.

Баша ја искажал решеноста на Демократската партија и обединетата опозиција, богатството со кое располага земјата и нејзиниот извонреден човечки потенцијал да го стави во корист на граѓаните, а не во функција на мал број корумпирани лица и олигарси.

Со значајната помош на Соединетите американски држави, ние ќе можеме на Албанија да и ја вратиме функционална демократија и нејзиното богатство во развој и благосостојба за секое албанско семејство. Претставниците на Демократскиот институт ја споделија загриженоста со која САД ја следи политичката криза во земјата и ја потврдија нивната подготвеност да придонесат за нејзино решавање и зајакнување на демократијата – изјави Баша по средбата.

Баша, вчера оцени дека „трпението на народот е при крај“ и оти земјата мора да оди на предвремени избори, за да има легитимен Парламент и Влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.