Лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, кусо по обраќањето на премиерот Еди Рама во албанскиот Парламент, оцени дека „земјата е во вонредна состојба“ и обвини дека веќе е „потврдено дека Рама на власт дошол со украдени гласови“.

Албанија е во вонредна состојба, таа оди кон државен удар, со Еди Рама на власт. Повеќе не постои илузија дека парламентарните избори во 2017 година беа диктирани од организираниот криминал, со парите од дрога, заканата од масовно купување гласови, од север до југ, рече Баша на итно свиканата прес-конференција.

Според него, поврзаноста на Рама со организираниот криминал датира од времето кога тој бил градоначалник на Тирана.

Ова е историја на еден човек кој ја поврзува својата судбина со организираниот криминал и со убијци. Со нив научи да диктира изборни процеси, со нив дојде на власт и со нив денеска се уште е на власт, обвини Баша.

Додаде дека Холандија во образложението што го дава за несогласување Албанија да ги почне преговорите со ЕУ е токму организираниот криминал, нагласувајќи дека земјите на ЕУ поседуваат „јасна радиографија за шестте години раководење на земјата од Еди Рама“.

Баша порача дека единствен излез од кризата се слободно дадениот глас од народот, фер и демократски избори и најави „продолжување на започнатата битка за Албанија“.

Денешната дебата во Парламентот за импичмент на претседателот Илир Мета ја нарече „театар на Владата за да го отргне вниманието од скандалите кои се откриваат еден по еден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.