Новите закони во Грција предвидуваат драконски казни за пушење додека возите.

Возачите на приватни возила кои пушат додека возат во Грција, а во возилото имаат дете помало од 12 години, ќе бидат казнети со 1.500 евра и ќе им биде одземена возачката дозвола.

Возачите ќе се соочат со иста казна ако нивниот совозач консумира производи од тутун.

Возачите на такси возила, автобуси и друг вид на јавен превоз, ќе бидат казнети со парична глоба од 1.500 евра ако возат и пушат, а исто така ќе добијата забрана за управување со возило во траење од еден месец, предвидуваат новите сообраќајни прописи што денеска ги објави грчкото Министерство за здравје.

Согласно овие прописи, ако во возилото има дете помладо од 12 години, паричната казна изнесува 3.000 евра.

Казниво е и зборување на мобилен додека возите и пушење во јавни простории

Зборувањето на мобилен телефон додека управувате возило во Грција е забрането. Полицијата може да ја провери листата на повици при истражување на сообраќајни несреќи.

Возењето под дејство на алкохол е казниво со закон. Секоја општина има свои рестрикции и висина на казни, па тие се движат од 250 до 2.000 евра, одземање на возачката дозвола па дури и казна затвор. Дозволеното ниво на алкохол во крвта е значително помало во споредба со кај нас, па дозволено е максимум 0,25 промили. За нови возачи (помалку од 2 години искуство), возачи на мотор/мопед и професионални возачи (возачи на такси, автобуси), дозволено е 0,10 промили алкохол во крвта. Полицијата може да ве застане во било кој момент и да изврши контрола.

Според новиот закон што го воведе Грција, пушењето е забрането во јавни простории и е многу сличен на нашиот во Македонија. Глобите се движат до 500 евра доколку ве фатат како пушите во затворен објект – ресторан, кафуле и слично.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.