Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, во објава на Твитер напиша дека ја поддржува интеграцијата на Албанија и Македонија во Европската Унија, потенцирајќи дека преговарачкиот процес треба да почне без одлагање.

Ким во објавата ја споделува заедничка изјава на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жoзеп Борел, во која се наведува дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европската Унија.

САД и ЕУ се согласуваат дека регионот на Западен Балкан припаѓа на Европската Унија и преговорите за пристапување со Албанија и Македонија треба да почнат без одлагање. Приемот во ЕУ, деклариран приоритет за целиот Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и унапредување на владеењето на правото – пишува амбасадорката Ким.

Веднаш потоа министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка, изрази благодарност за поддршката на САД и ЕУ за интеграцијата на Албанија.

Според неа, ова е чекор што треба да се преземе врз основа на постигнувањето на реформите, што било потврдено од Европската комисија.

Заедничкиот ангажман САД-ЕУ во нашиот регион е клучен за консолидирање на стабилноста, просперитетот, владеењето на правото и демократијата. Благодареност за поддршката во нашето патување кон Европската Унија, особено за отворањето на преговорите за членство на Албанија. Ова е чекор што мора да се преземе врз основа на постигнувањето на реформите, што беше потврдено од Европската комисија – порача Џачка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.