Албанија презема мерки за да го спречи ширењето на новиот коронавирус, кој предизвика над 41 смртен случај во Кина, додека во карантин се 16 градови.

Според тиранската телевизија Ора њуз, на меѓународниот аеродром во Тирана зголемен е бројот на медицински тимови, а зајакнати и побројни се и контролите. Повеќе од 25 лица биле подложени на тест кој резултирал со негативен резултат.

Лоренс Хашорва, началник на граничниот оддел на инспекторатот за јавно здравје во изјава за телевизија „Ора њуз“ ги опишува и досега преземените мерки.

Ние ги спроведуваме директивите на Светската здравствена организација. За сите патници кои пристигнуваат од Кина преку Истанбул, со летови на „Туркиш ерлајнс“ има дополнителни мерки и чекирање. Задолжително ги прашуваме за земјата на потекло и дали тие имале контакт со болни луѓе , рече тој.

Додава дека е зголемена фреквенцијата на миење, побарана е дополнителна дезинфекција во просториите на аеродромот и оти на аеродромот има и посебна просторија за изолирање на евентуално заболени.

Опремени сме со заштитна опрема. Во моментот ситуацијата е под контрола. Повторувам дека Албанија е со низок ризик поради фактот што Албанија е земја транзит. Тие претходно биле чекирани на други аеродроми. Еве контролиравме група Азијци, кои во Албанија беа само на пропатување за да заминат во Хрватска. Откако беше потврдено дека нема проблем, им беше дозволено да го продолжат летот, вели Хашорва.

Посочува дека во случај на вонредна ситуација и лекарите се во состојба на готoвност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.