Албанија ќе оддели дел од првата пратка вакцини што ќе ја добие и ќе ги донира за здравствените работници во ковид болницата во Приштина. На тој начин, тие ќе се вакцинираат во исто време кога и здравствените работници во ковид болниците во Тирана.

Албанскиот премиер, Еди Рама, соопшти дека Албанија ги обезбедила првите 500.000 дози вакцина од компанијата „Фајзер“, како и дека првата испорака од 10.750 вакцини ќе пристигнат на почетокот на третата недела од јануари.

На Косово ќе му бидат донирани вакцини за белите мантили во ковид болницата во Приштина. Тие ќе бидат вакцинирани во исто време со лекарите од трите ковид болници во Тирана – изјави Рама.

Тој додаде дека ја замолил министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, веднаш да комуницира со нејзиниот колега во Косово за да може да се донесе одлука за потребната количина вакцини за персоналот на болницата во Приштина.

И покрај тоа што не сме богати и не сме го преминале ниту ова море каде продолжуваме да чекориме пеш, ние Албанците не можеме и никогаш не смееме да си свртиме грб еден на друг, кога имаме потреба или кога сме во иста ситуација – изјави Рама.

Според проценката на стручните лица од оваа област, на Албанија и се потребни најмалку два милона дози вакцини за да се постигне колективен имунитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.