Синдикати, федерации и здруженија на работници од Грција, за утре закажаа генерален 24-часовен штрајк што ќе ја парализира земјата, jави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот, како што велат синдикатите, е одговор на планот на владата, во Парламентот да донесе закон што содржи измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и паралелно бараат покачување на платите и пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.

Правото на штрајк е последно оружје на работниците и мораме да го браниме со сите наши сили. Не може да се отстрани правото на сите за јавно здравствено осигурување и се бориме за владата, да не го донесе во Парламентот за гласање, законот за приватизација на дополнителното осигурување – соопштуваат од синдикатот на вработените во јавниот сектор на Грција, кои воедно се главните организатори на штрајкот.
Во 24-часовниот штрајк учествуваат вработените во државните болници, во здравствените центри и итната помош, службениците во банките.

Федерациите на вработените во училиштата, ги повикуваат воспитувачите, наставниците и професорите да учествуваат во штрајкот

Бродовите од 6 часот наутро ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што автобусите тролејбусите учествуваат во 24часовниот штрајк, метрото ќе сообраќа од 9 до 21 часот, а трамвајот од 7 до 23 часот.

За утре, во 11 часот по локално време, закажан е протест во центарот на Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.