Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ денеска изјави дека потпишувањето на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ) е обврска на државата и дека прашањето наскоро ќе се реши.

– Сè што сум кажал, стојам зад тоа и нема мрдање. Темелниот договор ќе биде потпишан согласно Уставот и законот, рече Абазовиќ, одговарајќи на прашањата на шефот на пратеничката група на Демократскиот фронт, Славен Радуновиќ, пренесува подгоричкиот весник Вијести.

Овој договор предизвика потреси на политичката сцена во Црна Гора и наиде на несогласувања во политичките партии. Најголеми поддржувачки се министрите од просрпската Социјалистичка народна партија, кои посочуваат дека поради овој договор и влегле во Владата. На другата страна се министерот за надворешни работи Ранко Кривокапиќ и министерот за одбрана Рашко Коњевиќ, од владејачката Социјалдемократска партија (СДП), кои сметаат дека владата не може да потпише договор со Српската православна црква бидејќи не е регистрирана во Црна Гора како правен субјект.

Спорови меѓу министрите има и околу името на тој иден договор.

За приврзаниците на СПЦ во Црна Гора името треба да биде „Темелен (Основен) договор“, а политичките противници на Српската православна црква бараат да се именува само како „Договор“, посочува Радио Слободна Европа.

Преговорите меѓу Владата на Црна Гора и Српската православна црква за Темелниот договор, со прекини, траат од 2012 година. Споровите меѓу државните институции и СПЦ за нејзиниот статус во Црна Гора резултираа со пад на последните две влади.

По усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед на крајот на 2019 година, Владата на Демократската партија на социјалистите, предводена од Душко Марковиќ, загуби на парламентарните избори во август 2020 година. На губењето на власта му претходеа неколкумесечни масовни протестни маршеви предводени од свештеници на СПЦ со поддршка на тогашните опозициски партии.

Ниту претходниот премиер Здравко Кривокапиќ, разрешен во февруари годинава, не го искористи мандатот и блискоста со Српската православна црква за да го потпише Темелниот договор, потсетува РСЕ. Причината е немањето целосна усогласеност меѓу двете страни

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.