Следната седмица грчката Влада ќе ги соопшти одлуките за задолжителната вакцинација за одредени категории вработени, додека пак според последното истражување на јавното мислење во Грција 65 отсто од испитаниците поддржуваат иминизацијата да стане задолжителна, јави дописничката на МИА од Атина.

Во анкетата на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, 49 отсто од граѓаните одговориле дека „сигурно би било добро“, а 16 проценти дека „веројатно би било добро“ вакцинацијата да биде задолжителна за одредени категории вработени кои се во контакт со многу луѓе, како на пример оние кои работат во обрзованието, во угостителството, во јавниот превоз итн.

Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека во текот на следната седмица ќе излезат со конкретни сооопштенија, без да открие детали за тоа на кои категории вработени ќе се однесуваат одлуките.

Во однос на епидемиолошката слика во Грција, Пелони рече дека во последните денови се забележува влошување, со оглед на тоа дека во изминатите десет дена се забележува зголемување на новите случаи и намалување на просечната возраст на новозаразените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.