За првпат во Србија донесена пресуда за доживотен затвор и тоа за Нинослав Јовановиќ, познат во јавноста како „малчанскиот бербер“.

По точно една година од апсењето, Високиот суд во Ниш го осуди Јовановиќ, на 11 години затвор за киднапирање и доживотен затвор за злоупотреба на малолетно девојче.

Пресудата е првостепена и е донесена без присуство на Јовановиќ во судницата. По изрекувањето на пресудата мајката на малолетната жртва рече дека е среќна поради одлуката на судот и дека се надевала на таква казна.

Вишото јавно обвинителство во Ниш на крајот на март минатата година поднесе обвинение против Јовановиќ, но поради заштитата на интересите на малолетната жртва во овој случај, не беше соопштено правно квалификување на кривичното дело за кое тој се товари. Целата постапка против 46-годишниот Јовановиќ исто така беше затворена за јавноста.

Јовановиќ, кој во јавноста е познат по прекарот „малчански бербер“ бидејќи им ја потстрижувал косата на своите жртви, веќе двапати беше затворен за силување, киднапирање и злоупотреба, еднаш 10 и вториот пат 12 години.

12-годишното девојче киднапирано на 20 декември 2019 година беше последната жртва на Јовановиќ. Откако го киднапирал девојчето додека одело на училиште, тој осум дена го криеше девојчето во напуштени куќи на потегот од Ниш до Књажевац. На 28 декември девојчето беше пронајдено во близина на Ниш, а во потрагата учествуваа припадници на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Србија, жандармеријата и многубројни здруженија на граѓани, ловци и планинари.

На 5-ти јануари 2020 година, Јовановиќ беше фатен на селските гробишта во неговото родно село Малча.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.