Повеќе од 12.000 граѓани со двојно држвјанство имаат адреса на живеење во општина Ќустендил, но речиси ниту еден од нив не ќе може да гласа на претстојните локални избори поради неисполнување на критериумот за 6-месечен постојан престој, односно да биле на територијата на општината од 26 април наваму годинава, велат од локалната администрација.

Тие граѓани нема да се најдат ни во избирачките списоци, јавува бугарскиот медиум БНР новините.

Од Македонија до 30 август годинава, со двојно државјанство и регистрирана адреса во Ќустендил, имало 10.846 лица, а од Србија 1.547.

Шефот на организациониот оддел на изборите во општината, Мирослав Миланов, вели дека многу малку од нив, можеби само поединци, го исполнуваат потребниот законски услов.

– Ќе се зачудам ако има барем еден, изјави Миланов.

Досега, на претходните избори само поединци од Македонија оделе во Ќустендил да го исполнат правото на глас. Тоа се случило во 2009 година кога една група патувала на екскурзија до Црно Море, па автобусот запрел и Македонците, кои имале и бугарско државјанство, гласале на избирачко место во градската поликлиника, велат од администрацијата.

Но, луѓето со двојно државјанство го зголемуваат бројот на населението на општината и тоа брои над 75.000 жители. Затоа и бројот на општински советници во Ќустендил е 37. Инаку, без нив, бројот на советници би бил 33, велат познавачите на проблемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.