Најновата анкета на телевизија Телма и МЦМС, а спроведена од М-Проспект, донесе низа апсурдни резулати, што ги зовреа социјалните мрежи. Но, и со тие и такви резултати, бројките неумоливо го потврдуваат опозиционото расположение кај граѓаните, што не може да се сокрие или балансира со никакво филување.

Особено не со личните рејтинзи на двете водечки политички личности, премиерот Зоран Заев и лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во принцип, сите анкети можат да се читат на различен начин и од нив да се изведуваат заклучоци по потреба. И во ова истражување евидентна е целта на нарачателите барем во три основни сегменти. Прво, да се држи еден континуитет во високиот рејтинг на премиерот Заев, што апсолутно не кореспондира со извлечената просечна оценка за работата на Владата во првите 100 дена од нејзиниот мандат.

Второ, да се потенцира антивмровското расположение кај албанското гласачко тело само сега персонализирано во партискиот лидер Мицкоски. И трето, на листата помали партии, што се изведуваат со одреден процент, да се најдат тие од опозицијата, но ниту една од владејачката коалиција!? Па, така, на пример, 0,2 отсто од испитаниците се изјасниле за Интегра, а ни толку немаат ниту ВМРО-НП, ниту „Зелените“, ниту НСДП!?

Ако се соберат голите бројки на партиите од власта и од опозицијата, кои се најдоа на списокот со добиени проценти, и ако се направи проста математичка операција на собирање, ќе се дојде до заклучок дека мнозинството граѓани се незадоволни од владеењето на власта во првите 100 дена на новата Влада.

Збирот на процентите на владината коалиција изнесува 29,1 отсто. Или, поединечно СДСМ 18,6, ДУИ 6,7, ДПА 1,4 и Беса 2,4 проценти. Најпроблематични се процентите за ДПА и Беса. Зашто, и двете партии пред последните парламентарни избори имаа рејтинзи на ниво на статистичка грешка, а сега се со покачени и тоа во услови на катастрофални први 100 дена Влада.

На истиот принцип, пак, опозицијата, има рејтинг од 29,6 отсто. И тука мора да се има превид дека, на пример, Алијанса и Алтернатива се земени како посебни политички субјекти, исто како и Интегра, за која се најде место на листата како вонпарламентарна партија. Поединечно гледано, ВМРО-ДПМНЕ има 18,1%, Алијанса за Албанците 4,6, Алтернатива 0,5, Левица 6,2 и Интегра 0,2 отсто.

 

Резултатот на Левица за многумина може да претставува изненадување, но прашањето тука е дали е тој реален или фингиран. Зашто, се покажува дека сите напади врз неа и нејзиниот прв човек Димитар Апасиев од страна на власта делуваат контрапродуктивно. Уште повеќе ако се имаат предвид квалификативите, што се користат на нејзина адреса од анархисти до наци-фашисти!

Колку и да е мала предноста на опозицијата во рамки на спроведеното истражување, реално таа е веројатно значително поголема, зашто оваа прикажана позитивна разлика е многу помала во однос на резултатите од незадоволството од практикувањето на власта во првите 100 дена од старо-новата Влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.