Дознаките од странство се вратија на преткризното ниво, со тоа што минатата година остварија раст на годишна основа од 44%. Тие се многу значаен девизен потенцијал за нашата економија, но и извор на финансирање на потрошувачката на домаќинствата. Според анкетите на Народната банка, околу две третини од дознаките се користат за финансирање на личната потрошувачка, посочува во гостување на емисијата „Топ Тема“, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Дознаките се еден канал кај којшто гледаме ефекти при секоја кризна епизода. За време на пандемијата имаше значаен пад. Тие се намалија за околу 24%, или номинално околу 400 милиони евра, што е навистина значаен износ за нашата економија. Затворањето на економиите, рестрикциите за патувања, влошувањето на условите на пазарот на труд кадешто живеат иселениците, помал расположив доход и помалата можност за праќање на средства, го имаа своето влијание. Од друга страна, ме радува тоа што минатата година, овој тренд забележа значајно подобрување, со раст на годишна основа од 44% кај дознаките, со што тие веќе се вратија на преткризното ниво“, вели гувернерката.

Во однос на депозитите, гувернерката посочува дека како и во секоја криза се чуствува притисок, но дека последните расположиви податоци за февруари покажуваат раст на депозитите кај домаќинствата.

Како и во секоја кризна епизода, така и во оваа, секогаш се забележува притисок на депозитната база на банките. Тој притисок беше присутен по ескалацијата конфликтот по 24 февруари, а продолжи и првата половина на март. Меѓутоа веќе во втората половина на март и почетокот на овој месец се забележуваат постабилни трендови. Сепак, ако го гледаме февруари како цел месец, депозитите на граѓаните, остварија раст. За март се уште немаме дефинитивни податоци, но прелиминарните податоци покажуваат дека можно е да има одредено намалување на депозитите кај граѓаните, иако тоаа повлекување на депозити е релативно помало во споредба со други кризни епизоди коишто сме ги виделе, на пример во 2001 или 2016 година“, вели гувернерката.

За кредитирањето, гувернерката посочува дека последните податоци упатуваат на солиден кредитен раст, кој е особено изразен кај корпоративниот сектор, каде има забрзување на кредитирањето.

Последните расположиви податоци од февруари годинава, укажуваат на солиден кредитен раст од околу 9% и она што е значајно да се потенцира е забрзување на кредитната поддршка на корпоративниот сектор, којашто во преткризниот период и во првата пандемиска година беше прилично слаба, некаде околу 1% или 2% кредитен раст. Сега кај претпријатијата достигнува 10%. Кај населението се забележува одредено умерено забавување и последните бројки упатуваат на кредитен раст од околу 8%“, посочува Ангеловска-Бежоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.