Несреќната изјава на градоначалникот на Охрид од редовите на СДСМ, Константин Георгиески, дадена вчера во емисијата „Стадион” на „Канал 77” дека „ако утрe проба да ги руши дивоградбите во Охрид можеби некој ќе го убие”, најпластично ја илустрира импотентноста и немоќта на владејачката партија пред урбаната мафија предводена од нивниот коалиционен партнер ДУИ, потенцираат од партијата Левица.

Во сред пандемија, кога се соочуваме со можеби најголемата криза во последните 30 години од „Бихаќка“ уште сега сигнализираат дека статусот на Охрид во УНЕСКО е спремен да се жртвува на олтарот на голата желба за власт и профит интересите на нивниот коалиционен партнер – ДУИ. Имено, узурпацијата на Охридското крајбрежје продолжува и сега, при што пред неколку дена објавивме дека само на неколку метри од спорниот објект на советникот Нефи Усеини забрзано се гради нов цврст објект, во време кога беснее епидемија, се вели во реакцијата од Левица.

Додаваат дека потребно е градоначалникот Константин Георгиески да „собере храброст” и да си ја врши работата за која е избран и да ги почитува правниот поредок на Република Македонија.

Ако се чувствува неспособен да си ја извршува функцијата, тогаш не ни требало ни да се кандидира на избори и веднаш после завршувањето на кризата треба да си поднесе оставка. Ваквото терање политика „сè по старо” и одржување на статус-квото, покрај тоа што веќе е непожелно кај народот, истото и прави дополнителен товар за Охриѓани. Заедно ќе ја пребродиме кризата со корона вирусот Ковид-19 и заедно ќе ја пребродиме и кризата СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ која ја тресе Македонија последните три децении, се вели во нивното соопштение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.