„Крвави ви се рацете“, „Гробиштата се полни од бугарското пријателство“, „Фашисти пресоблечени во администратори“ се само дел од транспарентите со кои жителите на битолското село Кравари ќе ја пречекаат бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков, која денеска доаѓа во Битола.

Петков денеска во Битола ќе отвори клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михаилов“. Тој ќе биде придружуван од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, кои, како што соопштуваат оттаму „ќе промовираат владини проекти на таа држава на кои ќе им претходи средба на Петков премиер со бугарски здруженија на граѓани во земјава“.

Предвидено е во новоотворениот клуб да има библиотека од над 2.000 учебници, историски книги и дел архивски материјали, што предизвика доста реакции на социјалните мрежи, каде се повикува на протести во Битола.


Јавен протест за отворањето на клубот со „името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III“, изразија од Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи.

Протест од од 13 часот најави и политичката партија Левица, поради „отворањето на клуб под името на еден од промоторите на фашизмот, империјализмот и антимакедонските политики“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.