Судството во Македонија е корумпирано за Стејт департментот, но не и за првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев. За таквата перцепција во јавноста Џолев ги обвини медиумите, затоа што постојано пишуваат дека судиите се корумпирани.

Не можете само да протежирате дека функционерите се корумпирани, а граѓаните не се корумпирани. Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа. Па видете, јас ќе ви кажам, на мене ми пристапуваат голем број на луѓе, граѓани кои што самите викаат еј дај за оваа работа вака така, ајде викам ве молам, ве молам. Но, така размислува нашиот граѓанин дека тој за нешто треба да даде, ај да бидам благ бакшиш. Лично ми приоѓаат да сум им завршел предмет, отворено пројавуваат намера да дадат и бакшиш или мито, не само кај мене, туку и кај други колеги. Јас им велам: ’Ај ве молам!’ Сметам дека за тоа се виновни и медиумите, пишувајќи постојано дека судиите се корумпирани. Практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот“ ги критикуваше претседателот Џолев медиумите на денешната дебата организирана од Антикорупциската комисија, за корупцијата во судството.

Обвинувањата на сметка на граѓаните од страна на првиот човек на Кривичниот суд несомнено се аларм дека некој треба да поработи на однесувањето на граѓаните како најслабата алка во синџирот. Па затоа, „Република“ го прашува Иван Џолев дали тој кој раководи со Кривичниот суд пријавил коруптивно однесување на граѓаните. Дали работната етика и професионалниот морал на Џолев ќе бидат пример и за другте судии и функционери да го земат камшиокот и да урат по корумпираниот народ за да му го дотераат паметот и да му ја избијат од глава помислатаа да даде „бакшиш“? На крајот, дали ќе ги чуеме имињата на оние кои „благо речено“ сакале да го почестат Џолев?

Го охрабруваме претседателот на судот да ја објави листата на срамот за да почне конечно да се чисти судството од лепливи прсти и полни џебови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.