В недела, во Театарот за деца и младинци (ТДМ) во 19 часот премиерно ќе биде прикажан првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова, а во режија на Виолета Џолева. Музиката за деца е компонирана од Александар Џамбазов, музички продуцент е Александар Митевски, кореограф е Кренаре Невзати, драматург на мјузиклот Маја Стефановиќ, а Дамир Имери е музички аранжер.

Ова е прв мјузикл за деца во кој играат, пејат, танцуваат петнаесетина деца одбрани на три аудиции, а во „Земја во која не се стигнува“ играат и тројца професионални актери, Драган Спасов Дац како гостин актер од Маккедонскиот народен театар, и Катарина Илиевска Силјановска и Мартин Јордановски од ТДМ.

По мјузиклот „Чија си“ кој Џолева го режираше, а се играше на сцената на Универзална сала во Скопје, ова е втор пат таа се впушта во режија на вакво комплексно дело, посебно што во него играат, пејат и танцуваат деца.

 

Постојано зборуваме и се докажуваме од кога постои македонскиот народ, ја докажуваме нашата традиција, идентитет, јазик, а во суштина е многу лесно. Вратете се само 55 години наназад и ќе видите колку ние сме биле сериозни творци, автори. Нашите дела излегувале во Европа, а сега Европа ја викаме Хрватска и Словенија, а ние тогаш таму сме добивале награди на фестивалите. Значи ниту сме поглупави, ниту сме помалку способни од сите тие кои се сега Европа, а ние како божем не сме, што едноставно мјузиклот е воскрснување, обновување на нашата традиција. Ние врз основа на нашата традиција треба да градиме и да продолжиме да го правиме она што знаеме да го работиме. Традицијата не почнува од нас, туку од нашите предци и тоа треба да го надградиме. На кој начин ќе зборувам јас за мојот идентитет, ако не на овој, како уметник? Втората причина е што со мјузиклот сакам да им се заблагодарам токму на тие луѓе кои влијаеле врз моето детство и врз создавањето на мојата личност – изјави режисерката Џолева на денешната прес-конференција.

 

Во првиот детски мјузикл играат и децата: Јован Петровски, Лука Златков, Петар Златков,  Михаил Николовски, Александар Грчев, Јован Дукмеџиев, Ена Исмаили, Ема Ќулавкова, Марија Јанчевска, Мања Митевска, Луна Бејков,  Јелопи Седеу Нишевиќ, Лара Трпческа, Лена Катја Илиевска, Ирина Давидовска, Неда Димкова и Ангела Алексовска. Претходно беа организирани три аудиции на кои се пријавиле 130 деца.

Џолева се заблагодари на ТДМ и на директорката Илиевска Силјановски што имала храброст и доблест да ја реализира нејзината идеја за прв детски мјузикл за деца со деца.

Ние, на еден начин ги реинкарниравме Џамбазов и Николова. Денес веќе никој не пишува радио драми, драми за деца, музика за деца се прави наменски, исклучиво за фестивали, нема текстописци за деца. Ова можеби ќе биде поттик да почне да се твори за децата – објаснува Џолева.

По „Силјан штрикот шанца“ и „Кралот кускуле први“, Драган Спасов Дац третпат гостува во ТДМ.

Чувството е несекојдневно, бидејќи по подолга пауза повторно играм со деца. Одлично се сложувавме и мислам дека имаме супер претстава – рече Дац.

Јордановски, кој бил дел од големиот тим на Џолева кога таа го поставувала мјузиклот „Чија си“ во Универзалната сала, призна дека има скромно искуство со работа со деца, но е задоволен од она што го сработиле.

Нескромно ќе кажам дека направивме добра претстава. Децата сакаат да гледаат деца на сцена. Би им посакал на овие деца да станат ѕвезди, но да не летнат во облаци – рече Јордановски.

За оваа претстава од Министерството биле доделени пола од парите кои ги побарале. Со оглед дека сцената на ТДМ е многу мала, од тимот се надеваат дека овој мјузикл во брзо време ќе се игра на поголема сцена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.