Симболот Битола е инспириран од слични вакви како оние во Амстердам, Ерусалим.. И идејата воопшто не беше лоша.
Но има дилеми за квалитетот на изведбата, материјалите и сл, иако уште од прв поглед можеше да се предвиди рокот на траење. Дури и издржа подолго од сите претпоставки.
Во врска со вандализмот…
Вандализмот врз објекти во Битола е повеќе од 30 години стар. Се што има градот е направено во СФРЈ. И градот е донесен на ова дереџе поради тоа што во меѓувреме ништо ново не се направило, а се што претходно било направено е оставено на забот на времето и во рацете и нозете на вандалите.
Кога правиш нешто за јавно добро, прво на што треба да мислиш е неговата заштита од времето и од вандализам. Има еден мал милион начини ваквите конструкции да останат читави подолго од 5 месеци:
-Да ги направиш од камен, метал, мермер за да не можат да се скршат со нога,
-Да ги заштитиш со 24/7 видео надзор,
-Да ги обезбедиш физички (чувари, позорникари и високи казни).
И сега ќе речеме народот не чинел во градот.
Народот е тој што е. И во СФРЈ беше истиот.
Ако на 100 метри од главната полициска станица без грам страв некој врши вандализам, тој знае дека нема да го фатат ниту санкционираат. Тогаш градот има проблем со себе, а не со луѓето што живеат во него. Од 1% деструктивци што неказнето поминуваат, 100% од градот и граѓаните страдаат.
Вака се упропастува Битола 30 години. Затоа градот повеќе личи на постапокалиптична запуштена касаба отколку на град. Примери еден куп: кошевите во Гоце Делчев, дрвцата во Климент, фасадите во центарот, канделабрите во паркот, младите дрвца, клупите и кантите за ѓубре, искрадените бехатон плочки…
Дали во полициските дневници еден хулиган е запишан деа е фатен и дека му е судено? Дека му е изречена казна?
Секако дека не. Ваквата толеранција кон вандализмот не само што не го спречува истиот, туку го охрабрува и стимулира. Институциите како да ги канат вандалите: Повелете, на мени имате се што ќе посакате, од меки градби за кршење со нога или глава, преку тврди за чекан, до дрвени за секира…
Затоа да се поштедиме од патетики, ако сакате нешто да трае, направете го квалитетно и заштитете го како треба.
Така се прави секаде во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.