Во Делчево се поголем е бројот на млади вљубеници во олдтајмерите. Еден од оние кои ја наследиле љубовта кон олдтајмерите е гимназијалецот Никола Тодоровски кој веќе две години инвестира во реставрација на својата „Застава 101“, која му останала како спомен од неговиот дедо.

Автомобилот е од 1977 година, мојот дедо е прв сопственик. Ја зедов од него пред три години, а лани ја реставрирав. Има добро возење, со италијански мотор е, има уште некои поправки што треба да се завршат, вели младиот Никола, кој додава дека му претставува задоволство повременото дружење со членовите на олдтајмер клубот од Делчево.

Клубот ,,Kings of the roads” во кој членува Никола, брои околу 60-тина членови, а според претседателот на делчевското здружение Лоренцо Трајановски, радува фактот што се повеќе млади се приклучуваат кон клубот.

И нас не радува што има се повеќе млади вљубеници во старите автомобили кои сакаат да ни се приклучат. Од наша страна им даваме совети за она што им е важно. Со младите можеме да кажеме дека броиме околу шеесетина членови иако бројката дополнително ќе биде регулирана по потпишувањето на пристапници, вели Трајановски.

За делчевските вљубеници во олдтајмерите најголем проблем се регистерските таблички. Најавениот закон за менување на табличките не им оди во прилог, бидејки како што додават на запад олдтајмерите имаат посебен третман, а овде доколку те затекнат со нерегистирани кола казните се големи. Не одбиваат да платат одредена сума на пари, но потенцираат дека потребно е олеснување при регистрирањето на ваквиот вид возила.

Трајановски на дружење со своите членови информираше дека традиционалната изложба на олдтајмери во Делчево наречена „Ретро кар шоу“, кое секоја година се организира околу Велигденските празници, годинава е презакажана за август.

Поради дождот многу пати во април имавме проблеми со временските услови, што беше причина многу учесници да не можат да дојдат. Оваа година одлучивме тоа да биде август,  а друга причина е инсистирањето на нашите иселеници кои сакаат да го направиме настанот кога тие се тука. Затоа денес пред велигденски сме собрани да се видиме после подолго време и да го дефинираме точниот датум на одржување на изложбата на олдтајмери, подвлече Трајановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.