Министерот за спорт Борко Ристовски денеска присуствуваше на одбележувањето на првиот „Ден на италијанскиот спорт во светот“, кој го организираше Италијанската амбасада во Скопје на Воениот стадион во Градскиот парк, соопштија од Министерството за спорт.
Како што се наведува во соопштението, настанот е промовиран од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското Министерство за спорт и италијанскиот Национален олимписки комитет, со стремеж да ги валоризира позитивните вредности карактеристични за спортот, кои истовремено претставуваат и корисна алатка за зајакнување на соработката и дијалогот помеѓу народите.
– Благодарам за поканата да бидам дел од овој проект за промоција на италијанскиот спорт. Мене ми е посебно драго затоа што успеавме да ја привлечеме италијанската амбасада повеќе на страната на спортот, а помалку на страната на виното и на храната. Чест и задоволство ми е да бидам дел од овој настан денеска, посебно затоа што во него се вклучени млади луѓе коишто одлучиле спортот да им биде дел од животот. За нас како Министерство за спорт и за мене како ресорен министер посебно е важно што заедно можеме да промовираме вистински вредности. Тоа е значајно за овие млади деца кои се присутни денеска и воопшто за сите луѓе во спортот да бидат не само спортисти, туку и вистински луѓе кои ќе си ја сакаат државата, ќе си го почитуваат народот и ќе ги негуваат вистинските вредности. Министерството за спорт секогаш ќе биде дел и ќе поддржува вакви настани, вели Ристовски.
Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, во неговото обраќање се истакнал дека овогодинешното издание на „Денот на италијанскиот спорт во светот“ посветува посебно внимание на фудбалот.
– Ова се можности да се зголеми важноста на спортот, да се промовира пријателството меѓу нашите народи, исто така и преку навивање. Добра забава, да живее фудбалот и промоцијата на спортот, посочи италијанскиот амбасадор, Н.Е. Андреа Силвестри во воведното обраќање.
На денешниот настан беа презентирани македонските фан клубови на италијанските тимови и беше промовирано Здружението на навивачи „Калчо триколоре“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.