Под водство на старо-новиот тренер Веселин Вујовиќ, македонскиот ракометен првак Вардар го одржа првиот официјален тренинг во пресрет на новата сезона.

Како и секогаш сите играчи не доаѓаат исто подготвени на тренинзите, некои дојдоа во подобра форма, некои во полоша, но во секој случај има позитивна атмосфера, амбиент кој ни дозволува да работиме опуштено. Пред нас е тешка задача, бидејќи сите очекуваат од Вардар трофеи. Ниту јас како тренер, ниту играчите, ниту македонската јавност не се задоволува со просечност. Им кажав на играчите, може да ме сакаат или да ме мразат, но додека јас сум тренер мора да го остават срцето на терен, да гинат, да се борат и да докажат дека го заслужуваат дресот – изјави Вујовиќ.

Искусниот тренер се надева на пласман на „Фајнал фор“ турнирот од СЕХА лигата во Задар и успешни настапи во Лигата на шампионите.

Имаме добра група во Лигата на шампионите. Нема противник за кого ќе кажам со сигурност дека ќе го победиме, но можеме да играме со сите и да бидеме во ситуација да победиме – додаде Вујовиќ.

По мини-подготовките во Скопје, Вардар ќе замине во Златибор каде условите за работа во „пеколниот“ летен период се подобри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.