Капитенот на македонската спортска гордост – РК Вардар, Стојанче Стоилов во интервју за ЕХФ ја најави новата сезона за европскиот и македонски првак и истакна дека е горд што ќе ја носи капитенската трака и во оваа сезона и ќе го предводи тимот во новиот обид да се дојде до завршницата во Келн.

ЕХФ: Во драматична сезона, Вардар пак беше највисоко на подиумот на Ф4-турнирот во Келн. Што беше точката за пресврт во сезоната 2018/19?

Стоилов: Имавме турбулентна сезона минатата година и еден куп проблеми, но на крајот успеавме да надминеме се и да го освоиме трофејот во ЛШ. Не сметам дека имавме некоја точка за пресврт, одевме чекор по чекор и дојдовме до титулата

ЕХФ: Ја стартувате новата сезона како шампиони. Дали тоа носи додатен притисок, споредено со минатата сезона?

Стоилов: Бевме во иста позиција и пред две години и од искуство сега знаеме дека ќе е потешко за нас. Притисокот е нешто што е добредојдено за нашиот тим, затоа што кога сме под притисок имаме подобри резултати. Како и да е, кога си шампион, мора да се однесуваш како шампион во секој меч, а тоа не е воопшто лесно.

ЕХФ: Го носиш црвено-црниот дрес на Вардар осум години. Што го прави Вардар толку специјален за тебе?

Стоилов: Вардар е специјален клуб не само за Скопје, туку и за целата Македонија. Тимот има огромна фан-база, која ги вклучува најдобрите навивачи „Комити“, јас сум еден од нив. Мојот татко исто така го сака овој клуб и ми ја префрли љубовта кон Вардар одамна. Се сеќавам дека ме носеше на фудбалски мечеви како мал. Денес, јас сум капитен на овој тим, ја носам лентата со чест и гордост и среќен сум што во тешки времиња за нашата држава, донесовме радост кај нашите граѓани.

ЕХФ: Вардар загуби неколку клучни играчи од минатата сезона, а дојдоа нови имиња. Што мислиш за тимот?

Стоилов: Таква беше приказната и лани, но тоа не не спречи да дојдеме до огромен успех. Секогаш е тешко кога ќе загубиш важни ракометари, но тоа исто така не е нешто што може да ти го расипе сонот и да не можеш да спиеш. Имаме одлична атмосфера во соблекувалната, а тоа секогаш помага кога се работи за играчите.

ЕХФ: Какво е твоето мислење за новиот тренер Давид Писонеро?

Стоилов: Со новиот тренер Давид немаме поминато долго време заедно затоа што сум повреден, но од она што можев да го видам досега, се работи за тренер кој е фер и кој сака да комуницира. Овие две работи се многу важни за здрава врска меѓу играчите и тренерот. Сакам да му посакам многу среќа со нас и топло добредојде во нашето семејство Вардар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.