Актуелниот ракометен европски првак, Вардар подготовките за новата сезона ќе ги почне на 24 јули (среда) во Скопје во салата во СЦ „Јане Сандански”. Прозивката ќе ја изврши новиот тренер Давид Писонеро, кој доаѓа на местото на неговиот сонародник Роберто Парондо.

Сезонава „црвено-црните” ќе бранат четири трофеи: во првенството на Македонија, Супер купот на Македонија, СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите. Засилувања за сезоната 2019/2020 во Вардар се: Димитар Димитриоски, Павел Атман, Хозе Гиљермо Толедо, Сергеј Горпишин, Артурс Кугис и Домен Сикошек Пелко.

Според планот за подготовките, од 24 јули до 2 август ќе се тренира во Скопје каде ќе бидат завршени и сите потребни лекарски прегледи на играчите. Ќе се работи на подобрување на физичката подготвеност на играчите. На 2 август планирано е заминување за Требиње, БиХ каде ќе продолжат со подготовки и ќе настапат на турнир на кој ќе играат: Борац Бања Лука, Леотар, Металопластика, Бутан изола и Извиѓач.

По враќањето од БиХ ќе се работи во Скопје се до заминување за Саудиска Арабија на Супер Глоуб купот. Таму Вардар ќе настапи во периодот од 27 до 31 август.

На Супер Глоуб покрај Вардар ќе играат и Ал Вехда (С. Арабија), Барселона (актуелен првак), Заламек (Египет), Сиднеј (Австралија), Таубате (Бразил), Њу Јорк (САД), Ал Мудхар (С.Арабија), Кил (Германија).

Тоа ќе бидат последни натпревари пред официјалниот почетокот на СЕХА лигата и на групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.