Со вкупно 17 ракометари во експедицијата, бројни проблеми околу повредите но со мотивација и желба, ракометарите на Вардар денес  отпатуваа за Брест, Белорусија каде во сабота ќе го играат натпреварот од 9. коло од Б групата во Лигата на шампионите.

За останување во игра за што повисок пласман на „црвено-црните” им требаат бодови од ова гостување.

– Единствено Сергеј Горбок остана во Скопје поради повреда. Од младите со екипата заминаа Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски. Поради повреда претходната недела со намален интензитет тренираа неколкумина ракометари. Сите ќе бидат во составот на тимот, а кои ќе играат и колку време ќе можат да бидат на паркетот ќе зависи од тоа колку ќе можат да го издржат напорот што го бара натпреварот, информираат од таборот на европскиот шампион.

Вардар е на 5. место на табелата во Б групата со 9 бода, а разликата со второпласираниот Монпеље е само два бода.

По вчерашното реми на Мотор Запоржје во Германија кај Кил, сега ситуацијата е уште покомплицирана и сите повеќе екипи сериозно се во игра за првото место.

Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот меѓусебен дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36:31.

Средбата меѓу Мешков и Вардар е закажана за в сабота во 17:30 часот. зс/

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.