Долгогодишниот ракометен стратег и професор по ракомет на Факултетот за физичка култура (ФФК) Гино Стрезовски ќе биде изборот за селектор на Македонија и ќе работи заедно со Кире Лазаров се додека големиот ас не ја заврши кариерата и самостојно седне на селекторската фотелја, пишува спортскиот портал „Екипа“.

Десниот бек не крие дека сака да остане во ракометот, веќе најави дека на крајот од сезонава ќе ја заврши кариерата, а се очекува потоа да се посвети целосно на работата со македонската репрезентација. Јасно беше дека Лазаров не може веднаш да седне на селекторското столче, бидејќи до јуни Македонија ја очекуваат уште четири натпревари од квалификациите за ЕП 2022, па тука во целата коминација влегува Стрезовски.

Стрезовски е подготвен да го прифати предизвикот да се врати на чело на репрезентацијата и блиско да соработува со Лазаров. Единствената дилема е на колку време ќе биде потпишан селекторскиот договор со Гино Стрезовски, по што Кире Лазаров самостојно ќе продолжи да ја води македонската репрезентација (најверојатно по ЕП 2022, доколку Македонија обезбеди пласман на овој европски шампионат), пишува „Екипа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.