Ракометната Суперлига е пред колапс, откако денеска е соопштено дека во скопскиот суперлигаш Работнички цел тим, сите 16 членови на клубот се заразени со ковид-19.

Ова е втори масовен случај на заразени ракометари во еден клуб од елитното друштво. Групата А од Супер-лигата веќе е во прекин поради 16 позитивни случаи во КЛ7.

Појавените симптоми кај дел од играчите биле причина за колективно тестирање, а резултатите биле изненадувачки за клубот, откако речиси сите ракометари биле позитивни на коронавирус. Ова автоматски ќе повлече и прекин на групата Б во следните 15 дена, а се очекува во наредниот период да бидат тестирани и ракометари на другите екипи, кои во изминатите денови играа натпревари против Работнички.

Главниот проблем е да се најде начин во кој Супер-лигата би можела да се доигра. РФМ се реши за згуснат распоред што требаше да финишира до крајот на месец октомври, нешто што сега е невозможно по прекините и во двете групи. Останува да се види каква одлука ќе биде донесена, а според неофицијалните информации не се исклучува ниту можноста за „меур“ – сите натпревари да бидат одиграни во една сала, во згуснат временски период, при што ракометарите би немале контакт со надворешноста, со самото тоа и ризик од зараза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.