Ако најдобрата машка ракометна репрезентација на Македонија го победи Чиле денеска (15,30 часот, МТВ-пренос), тогаш избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе се пласираат меѓу 24-те најдобри селекции на Светското првенство (СП) во Египет кое е е во тек.

Најдобрите ракометари доживеаја два убедливи порази на Мундијалот, од Шведска и од Египет, така што денешниот дуел со Чиле е последна сламка за спас – или ќе враќаат дома или ќе го продолжат натпреварувањето на СП.

Имавме многу малку време да се подготвиме за Мундијалот. Повеќето од ракометарите не се ментално подготвени за едно големо натпреварување. Но, сепак, сметам дека можеме да стигнеме до победа во дуелот со селекцијата на Чиле и да се пласираме во следната фаза. Верувам дека во тој меч ќе влеземе и ќе одиграме со многу повеќе фокус и концентрација, а болните порази од Шведска и од Египет нека ни послужат како лекција за во иднина, изјави селекторот Данило Брестовац.

Во втората фаза, Египет, Шведска и Македонија или Чиле ќе играат во новоформираната група 4, во која ќе бидат и Белорусија, Русија и Словенија. Од таму, по нови три меча, двете најдобри селекции ќе играат во четврт-финалето.

Во досегашниот тек од натпреварувањето, како и на двата пријателски меча во Скопје, најефикасни поединци кај Чиле се ракометарите што играат во шпанската лига, левиот бек Ервин Фојхман (14 гола) на Адемар Леон, пикерот Естебан Салинас (12 погодока) на Гранолерс, како и десниот бек Родриго Салинас (11 гола) на Бидасоа Ирун.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.