Конкурсот што Ракометната федерација на Македонија го отвори пред една седмица веќе е завршен, па до крајот на неделава би требало да го добиеме новиот селектор на машката репрезентација што ќе седне на жешкото столче во продолжение на квалификациите за Европското првенство.

По дадените дополнителни 24 часа за пристигнување на апликациите испратени преку пошта, комисијата составена од Гино Стрезовски, Дарко Алексов и Ѓорги Тренкоски ќе ги разгледува сите кандидати кои покажаа интерес за селекторската функција во нашиот национален тим.

Според неофицијални информации, досега се пристигнати мал број пријави, а во најтесната конкуренција за селекторското место засега се Словенецот Борис Денич и Хрватот Ненад Кљаиќ, jaвува 24ракомет.мк. Поранешниот словенечки репрезентативец и селектор има сериозна биографија зад своето име. Тој пет години се задржа како селектор на Словенија, работеше како тренер во својата земја, но и во Белорусија и Катар, а беше селектор и на Саудиска Арабија на последното СП.

Ниту името на Ненад Кљаиќ не е непознато. Тој исто како и Денич седеше на клупата на Саудиска Арабија, каде се задржа пет години, а работеше и во нивниот најдобар клуб Ал Рајан. Пред да замине за блискиот исток Кљаиќ ја предводеше клупата на хрватскиот шампион Загреб, во времето кога Кире Лазаров играше за хрватскиот првак. Се очекува оваа недела тој да се појави на разговори во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.