Дерби натпреварот меѓу најдобрите македонски ракометни клубови Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 заврши нерешено, 27:27 (13:17).

Ракометниот спектакл во полната спортска сала во Битола беше интересен од првата до последната минута, како на теренот, така и на трибините каде во спротивни агли од арената навиваа битолските „Чкембари“ и скопски „Комити“.

Првото полувреме му припадна на македонскиот шампион Вардар со четири голови предност (13:17), а предноста ја одржуваа се до 58 минута од натпреварот кога домаќините прв пат израмнија на 26:26. Спортската драма во последните две минути ракометарите ја режираа секој на своја штета бидејќи Вардар ја загуби предноста со 27:26, а потоа битолчани наместо рутински да дојдат до победа, дозволија противникот на 2 секунди пред крајот со голот на Дибиров да израмнат на 27:27.

Поделбата на бодовите се чини е најспортскиот исход од средбата, но освоениот бод во Битола на ракометарите на Вардар им овозможува табеларна предност во борбата за новата шампионска титула.

Најефикасни на средбата беа Гаџа кај гостите со 8 голови и Мандалиниќ кај домаќините со 7 постигнати голови, а на задоволство на спортската јавност, успешна беше и хуманата акција на домашниот тим кој ги повика битолчани, а тие во голем број на теренот фрлија плишани играчки кои ќе бидат донирани на децата на кои им се најпотребни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.