И да не успеат вечерва повторно во раце да го кренат европскиот пехар, со самото пласирање во најдобрите четири екипи е огромен успех не само за ракометарите на Вардар, туку и за македонскиот ракомет воопшто.

Тоа вечерва црвено-црните ќе се сретнат со унгарски Веспрем за титулата во најквалитетната европска ракометна Лига не беше доволно некој да се заинтересира за преносот на овој историски меч.

Ниту една македонска телевизија не се потрудила да оствари контакт со „Арена Спорт“ за да ги откупи правата за пренос на натпреварите од фајнл-фор завршницата, факт кој го потврдија и самите српски коментатори!

Кога веќе на ниедна праиватна телевизиска куќа „не му се исплатеше“ да пренесува финале, кое би било гледано и Вардар да не е во него, тогаш зошто МРТ не си ја исполни својата основна обврска – да известува и пренесува национални интереси.

На почетокот на сезоната од Македонската радио-телевизија за „Офф.нет“ изјавиле дека пренесувањето на овие натрепвари едноставно не им се исплати.

Точно е, Македонската Телевизија нема да ја пренесува ракометната Лига на шампионите во сезоната којашто почнува деновиве. Во ситуација кога Македонија остана без претставник во женска конкуренција, а машките клубови се во надолна линија, дури и со реална неизвесност околу нивната перспектива во ЛШ, условите за склучување нов двегодишен договор со ЕХФ Маркетинг (а не да се договара сезона по сезона) беа премногу неповолни од финансиски аспект, рече тогаш за „Офф.нет“ уредникот на спортската редакција на МРТ и добро познато лице, Драган Николовски.

Истата таа телевизија нема проблем секоја година да издвојува по минимум 100 илјади евра за шетање низ европските престолнини во име на евровизиски тим. Тоа што годинава Тамара се најде меѓу првите 10 нема да ги оправда претходните шест години кога Македонија како ФИРОМ или Северна не успеа да стигне ни до финале.

Истите тие телевизии, пак, не штедат кога станува збор за турски и индиски серии, реални шоуа со шлајмот од општеството во Србија, треторазредни емисии каде се промовираат најниски вредности…

Јавноста со право е бесна. Замислете само на момент што би се случувало доколку вчера во Англија немаше пренос на национална телевизија и само одредени привилегирани лица би го следеле финалето Тотенхем-Ливерпул, оние со претплата на еден оператор, каде не ни има англиски коментатори?.

Дури и на оние што не навиваат за Вардар им е јасен овој апсурд! Меѓу нив се најде и поранешната пратеничка и поранешен висок партиски функционер во владеачката СДСМ, Весна Бендевска, битолчанка(!).

Па нели е бре срамно што утре финалето на ЛШ во ракомет нема да се пренесува преку јавниот сервис – МРТВ? Кога „дојде животот“ за сите, прво бевме ‘ослободени’ од 190 денари за РДТ. Каков „успех“! По некое време бевме принудени на приватниците да им плаќаме по 100-150 денари повеќе за тв и интернет-услуги!!! „Ни ќар- ни зијан!“ – за нас, ама и тоа како ЌАР за приватниците како Роби-Телекабел! Наместо во државно, во приватно ќесе да придонесуваме! И сега – немаме можност преку ТВ да гледаме врвен ракомет каде учествува нашиот државен првак?! Па, дали е ова нормално, бре??!, стои во нејзиниот статус на „Фејсбук“.

На крајот на денот, финалето повторно ќе се следи на Арена, таму каде што барем сме сигурни дека некој од срце навива за нас, некој што не е Македонец, а се радува поискрено од пола Македонија.

Еден живот, една љубов! НАПРЕД ВАРДАР!

 

Ало Влада, малку пари за македонските спортисти и македонските клубови?! Или небитни се?! Народот го бива, политичарите не ги бива!

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.