Ракометната репрезентација на Македонија е поблизу до пласман на Светското првенство во Шведска и Полска, откако по првите триесет минути во Скопје нашите избраници имаат позитива од два гола против Чешка (14-12), во последнот натпревар од баражот за следниот планетарен собир.

По почетните 2-2, Чесите преку Кашпарек и Чип стигнаа до највисоки плус два, 2-4 но следуваа серија одбрани на Митревски и пет гола во серија за Македонија, па по десетина минути беше 7-4.

По 8-5, Сабате мораше да бара тајм-аут, по што неговите избаници постигнаа два гола во серија за 8-7. Во продолжение се играше гол за гол, но откако Пирох погоди за 10-9 во 20 минута, Чешка влезе во црна дупка.

Кузмановски реализираше пенал, погодија уште Миркуловски и Лазаров, па Македонија се одлепи на 12-9. Беше и 13-10, имавме напад за плус четири, но Мрква го запре ударот на Кузмановски.

Младеновиќ заработи исклучување, а тоа го искористија гостите кои намалија на 13-12 преку Пацел. Кузмановски погоди за 14-12, а потоа имаше по еден неискористен напад на двете страни.

Нашиот селектор направи една измена во својот состав во однос на натпреварот во Злин. На местото на Митев шанса за докажување доби членот на Охрид, Младеновиќ, додека на спротивната страна една промена направи и Хавиер Сабате. Во тимот се најде Леос Петровски, а од комбинација отпадна Даниел Режнички.

Кузмановски и Талески со по три гола се најпрецизните во нашиот табор, а по два постигнаа Лазаров, Миркуловски и Пешевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.